Прво нов закон, потоа реформи за основците

Се додека не се донесе новиот Закон за основно образование нема да започне спроведувањето на гласно најавуваните реформи за основците. Како што соошти на денешната прес конференција новиот министер за образование, Арбер Адеми, интензивно работат на реформите и комплексниот закон. По првата верзија, МОН подготвува и втора верзија на новиот закон, а Адеми порача дека не треба да се брза кога се работи за крупни законски решенија.

„Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдобро решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца. Во однос на пилотирањето на плановите, тогаш кога ќе сметаме дека една реформа функционира и ќе биде продуктивна, неа и ќе ја примениме“, рече Адеми.

Работната група за законот уште во јануари ги најави ревидираните наставни планови за прво одделение, како и новините кои ќе се спроведуваат од прво до трето одделение. Нивните очекувања беа дека од овој септември ќе се почне со пилот настава во неколку училишта каде ќе се имплементираат измените.

Помалку часови и домашни за првоодделенците, повеќе слобода за наставниците

Со нив се предвидува кратење на бројот на предмети и часови во прво одделение, решавање на домашните задачи во школо, како и поголема слобода за наставниците при организирање на часот и помалку бирократија. Усвојувањето на новите наставни планови ќе значеше и укинување на Кембриџ-програмата.