Прво издание на таеквондо турнирот „Ohrid OPEN 2019“

Охрид викендов е домаќин на Националниот таеквондо турнир „Ohrid OPEN 2019“ со 140 учесници од дома и странство. Бројни европски и балкански шампиони ќе бидат дел од турнирот организиран од клубот „Хваранг Фист“ од Охрид.

„Во Охрид доаѓа Филип Додевски, вториот стипендист на МОК во олимписко Таеквондо, покрај Дејан Георгиевски. Ќе се натпреварува и Филип Додевски кој на 2-ри март оваа година, со пет победи стана Европски сениорски шампион на седмото европско клубско првенство во олимписко Таеквондо кое се одржа во Солун. Тој е двократен Балкански шампион, и носител на неколку медали од официјални светски купови Г1 ранг. Доаѓа и Ана Марија Георѓиевска, првиот македонски учесник на Младинските Олимписки игри во Аргентина во 2018-та година“, информираат организаторите од Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид.

Учесниците ќе се натреваруваат во неколку категории: машка, женска, кадети, јуниори и сениори, според официјалните правила на Светската Таеквондо Федерација (The official WT Competition Rules). На најдобрите ќе им бидат доделени и признанија и плакети.

Натпреварот ќе се одржи во Спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 09:00 часот кога ќе зaпочнат борбите, а турнирот официјално отворање ќе има во 12:00 часот со претставување на натпреварувачите и клубовите учесници.