Прва правосилна пресуда која утврдува дискриминација во работен однос поради бременост

Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која се утврдува повреда на правото на тужителка на еднаква можност и третман со вршење на дискриминација по основ на родителство – бременост, соопшти Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Тужителката, вработена во основно училиште, го повела овој спор поради дискриминаторски третман од страна на директорот на училиштето во моментот кога соопштила дека е бремена.

„Имено, тужителка, заедно со уште неколку колеги исполнувала услови за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, поради што од страна на училиштето било поднесено барање за трансформација на нивниот работен однос. Веднаш откако тужителката соопштила дека е бремена, нејзиното барање за трансформација на работен однос била повлечено, додека барањата на другите колеги не“, информира нејзината адвокатка Софија Бојковска, член на МЗМП.

На 26 септември, Апелациониот суд Скопје, ја потврдил Пресудата на Основниот суд Куманово, со која се утврдува дека тужените го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и третман, односно извршиле дискриминација по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно родителство – бременост.

Првостепениот и второстепениот суд потврдиле дека со извршеното повлекување на барањето за трансформација на работниот однос на тужителката од определено во неопределено време, од причина што соопштила дека е бремена, тужените постапиле спротивно на член 6 и член 9б став 1 од Законот за работните односи и го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и еднаков третман, односно извршиле дискриминација.

„Тужените не докажале дека разликата во третманот спрема тужителката има објективно и разумно оправдување односно дека различниот третман се заснова на објективна оцена на различни фактички околности, согласно членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и праксата на судот“, информираат од МЗМП.

Судот, исто така, ги задолжил тужените да ѝ исплатат надомест на тужителката од 50.000 денари.