Прв пат повеќе жени од мажи во трка за претседател на Словенија

Пет жени и четири мажи ќе се тркаат за највисоката политичка функција во Словенија. Ова е прв пат помеѓу словенечките кандидатите на претседателските избори, закажани на 22 октомври, поголемиот дел од кандидатите да бидат жени.

Актуелниот претседател Борут Пахор се смета за главен фаворит, а единствена дилема е дали ќе победи во првиот, или ќе има и втор изборен круг.

Кандидатки за претседателската функција ќе бидат европарламентарката Романа Томц од најголемата опозициска Словенечка демократска партија (СДС), Сузана Лара Краусе од Словенечката народна партија (СЛС), Људмила Новак претседателка на опозициската Нова Словенија (НСЛ), актуелната министерка за образование Маја Маковец Бренчич е кандидат на Партијата на модерниот центар (СМЦ) и пензионираната учителка Ангелица Ликович која има поддршка од конзервативната вонпарламентарна партија Глас за децата и семејството.

Меѓу конкурентите на актуелниот претседател Пахор се и двајца локални политичари, градоначалникот на Копар, Борис Поповиќ и градоначалникот на Камник, Марјан Шарец, додека во последен момент својата кандидатура ја доставил и Андреј Шишко како десничарски кандидат од Движењето за обединета Словенија, кој својата кандидатура ја доставил синоќа неколку минути пред полноќ, кога беше крајниот рок за пријавување.