#Протестирам: Денеска ќе порачаме дека МРТВ е на граѓаните!

Граѓаните обединети во неформалното движење „Протестирам“ и денеска најавија собир пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, во 18 часот. Денешниот протест ќе биде со фокус на МРТВ, или како што велат организаторите, со фокус на партизираниот јавен сервис.

Според најавите, демонстрантите ќе маршираат до Македонската телевизија за да порачаат дека тој е нивен сервис и дека негова задача е да работи професионално, а не партиски.

„Ќе им порачаме дека МРТВ е на граѓаните, од граѓаните и за граѓаните! Нема правда, нема мир!“, се вели во настанот.

„Само информирани граѓан(к)и можат да носат информирани одлуки. Задача на Македонската радио телевизија, како јавен радиодифузер, е да известува професионално и непристрасно за настаните. Меѓутоа, овој јавен сервис е оттуѓен од народот и е слуга на партиските интереси на власта. Заедно со приватните режимски медиуми, МРТВ учествува во демонизирање на критиката и е комплетно посветена на промоција на корумпираниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со пари на граѓаните креира розова слика за реалноста и го одржува режимот на власт“, додаваат тие.

Досега демонстрантите го искажаа својот револт со боење пред Владата, Државната Изборна Комисија, Собранието, Народната канцеларија на Иванов, Кривичниот суд, пред Антикорупциска и Агенцијата за медиуми.