Протести во Америка по смртта на млад црнец откако полиција го запрела за сообраќаен прекршок

Протести против полицијата синоќа избувнаа во преградие на Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота, каде полицајци запреле млад црнец за сообраќаен прекршок, но настанот завршил фатално за момчето. Тоа се случило на околу 15-ина километри од местото каде беше убиен Џорџ Флојд за време на апсењето во мај минатата година.

Лутите демонстранти се судрија со полицијата, која пак употребила гумени куршуми и солзавец. Демонстрантите оштетиле две полициски возила, а по околу еден час, бројот на полицицајци се намалил, додека присутните граѓани запалиле свеќи и пишувале пораки со креда на тротоарот, барајќи правда за момчето.

Според извештаите се работи за 20-годишниот Донте Рајт.

Неговата мајка им порача на насобраните на протестот дека нејзиниот син се јавил за да и каже дека е однесен од полицијата, пренесуваат медиумите. Таа, додаде, дека потоа слушнала како еден од полицајците бара од нејзиниот син да го остави телефонот, а друг како го прекинува повикот.

„Набрзо потоа се јави девојката на Рајт да ми каже дека Донте е убиен“, изјави мајката на Рајт пред насобраните.

Бирото за кривични работи во Минесота набрзо потоа потврди дека ја испитува можноста за вмешаност на полицаец во пукањето во Бруклин Центар, во северозападен Минеаполис.

Според извештајот на полицијата во населбата Бруклин Центар, патрола запрела еден возач поради сообраќаен прекршок. Потоа сфатиле дека е распишана потерница по него и се обиделе да го уапсат. Тој, меѓутоа, се вратил кон своето возило, а еден полицаец употребил оружје и го погодил возачот кој починал на самото место. Патничката во возилото била повредена, но нејзиниот живот не е загрозен и е пренесена во болница, се наведува во соопштението.

Градоначалникот на Бруклин Центар изрази жалење за, како што кажа, трагичниот инцидент и ги повика демонстрантите да останат смирени и да избегнуваат каква било нова употреба на сила. Меѓутоа, до нови инциденти дојде кога неколку стотици демонстранти се собраа пред полициската станица во Бруклин Центар.