Протести поради најавите за уништување на хемиското оружје од Сирија во Албанија

Протести поради најавите за уништување на хемиското оружје од Сирија во АлбанијаДа не се дозволи унишување на сириското хемиско оружје во Албанија, побараа дваесетина граѓани кои денеска одржаа мирен протест пред Албанската амбасада во Скопје. Носеа транспаренти со слоганот „Да му кажеме НЕ на хемиското оружје“ и рекоа дека се солидаризираат со совесните граѓани, кои низ цела Албанија кренаа глас во заштита на здравјето на идните генерации.

Демонстрантите ја повикаа албанската влада да се спротивстави на каква било можност за носење на сириското хемиско оружје и укажаа на последиците ако оружјето се уништува во Албанија.

Осуда стигна и од страна на партијата ДОМ, од каде побараа  македонската влада со протестна нота до Албанија да побара државата да не дозволи уништување на сириското хемиско оружје на нејзина територија. Апелираа и до  претставниците на албанската политика и Организацијата за забрана на хемиско оружје, да се откажат од идејата за уништување на 1300 тони сириско хемиско оружје во близината на Елбасан, каде што се претпоставува дека оружјето ќе се носи за уништување.

„Тоа е премногу опасна и сериозна операција и за високо развиени земји, како на пример Норвешка која го одби овој предлог. Во моментов Албанија не може да се справи со 16 тони хемиско оружје на нејзината територија, а замислете како би постапила со 1300 тони сириско хемиско оружје. Оваа операција може да ја загрози животната средина не само во Албанија, туку и во Македонија и пошироко на Балканот“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ДОМ Тони Ристов.

Во Тирана пак пред парламентот и канцеларијата на премиерот околу 5.000 лица се собраа во знак на протест против можното уништување на сириското хемиско оружје на албанска територија. Скандираа „Не на хемиското оружје“.

Според албанските власти засега нема донесено никаква одлука за уништување во сириското хемиско оружје на територијата на Албанија.