Протести низ Франција против антисемитизмот

Илјадници граѓани низ Франција се собраа на протести против антисемитизмот, по повеќето антисемитски напади во последниве недели, кои кулминираа во текот на вчерашниот ден откако вандали исцртаа свастики и навредливи пораки на десетици гробови на еврејски гробишта.

Политичките лидери од сите партии, меѓу кои и поранешните претседатели Франсоа Оланд и Николас Саркози, се собраа во Париз на полниот Плоштад на републиката за да испратат пораки на осуда за антисемитски акти под слоганот „Доста е!“.

Собири се организирале и во други француски градови, од Лил на север, до Тулуз и Марсеј на југот на земјата.

Претседателот Емануел Макрон оддаде почит на локацијата на вандализираните гробови во селото Катценхајм, во близина на Стразбург.

„Кој и да го сторил ова не е достоен за Француската република и ќе биде казнет. Ќе преземеме акција, ќе го спроведеме законот и ќе ги санкционираме“, изјави Макрон.

Францускиот претседател подоцна го посети и националниот споменик на Холокаустот во Париз заедно со предводниците на Сенатот и Националното собрание.

Франција е дом на најголемата еврејска заедница во Европа – околу 550 илјади луѓе. Владините статистики, објавени минатата недела, покажуваат дека во земјата се случиле повеќе од 500 антисемитски напади минатата година, што е зголемување за 74% во споредба со 2017.