Протест во Скопје за поддршка на жените во Шпанија

Со протест пред амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, невладините организации им дадоа поддршка на жените од Шпанија  и ги повикаа да се изборат против предлог законот за ограничување на правото на легален, слободен и безбеден абортус.

Протест во Скопје за поддршка на жените во Шпанија

Активистите сметаат дека со законот се испраќа негативна порака до европските држави во однос на постојаните обиди за ограничување на правото на абортус. Притоа испратија писмо до Амбасада на Кралството Шпанија во Скопје, шпанска влада и парламент, но и до Европската комисија, парламент и совет, како и до парламентарните групи во Македонија со кое укажаа на штетите од ограничувањето на правото на абортус.

Радио МОФ интегрално го пренесува текстот од писмото потпишано од дваесетина македонски здруженија.

„Сакаме да ја известиме јавноста и горенаведените институции дека ја даваме нашата целосна поддршка на жените и женските организации во Шпанија против обидот на шпанската влада драстично да го ограничи легалниот и безбеден абортус.

Шпанија е земја која ја има ратификувано Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW) и земја членка на Европската Унија, која треба да ги почитува сите меѓународно прифатени норми во делот на абортусот како право на жената слободно да решава за раѓањето деца и пристапот до безбеден, слободен и легален абортус. Ова право е загарантирано со члeн 12 од Конвенцијата и е наведено дека „се штити правото на здравје на жените, а државите членки имаат обврска да ја елиминираат дискриминацијата врз жената во областа на здравствeнaта заштита, посебно во делот на репродуктивното здравје и услугите за планирање на семејството.„

Сметаме дека со ваквиот предлог-закон се испраќа негативна порака до сите земји во Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија, во однос на постојаните обиди за ограничување на правото на абортус, признаено како дискреционо право на жената за кое таа слободно одлучува. Сакаме да нагласиме дека ваквите предлог-закони чија тенденција е да го забранат или ограничат правото на абортус допринесуваат единствено за зголемување на нелагалните абортуси и зголемено ниво на мајчина и детска смртност.

Нагласуваме дека принципот на супсидијарност не треба да се применува кога се работи за почитување на рамноправноста на жената, правото на самостојност и достоинство, примарна вредност на европското граѓанство.

Затоа, ги поддржуваме сите иницијативи преку кои се бара Европската унија да усвои директива со која ќе се гарантира правото на абортус, а сите земји-членки да прифатат и овозможат:

– Пристап до легален, безбеден, бесплатен абортус за сите жени во ЕУ и во државите со претпристапен статус

– Сексуалните и репродуктивните права, вклучувајќи го правото на абортус, да бидат препознаени како фундаментални права.

Слободен пристап до легален и безбеден абортус мора да биде фундаментално право за сите жени во Европската унија и во светот!“