Протест против мал групен дом со три деца во Визбегово, институциите повикуваат на надминување на предрасудите

Група жители од населбата Визбегово попладнево излегоа на протест со кој бараат дислокација на малиот групен дом во нивното соседство каде од неодамна беа сместени три деца од Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца „Ранка Миловановиќ“. Тие протестираа во знак на револт поради тоа што во нивна близина се сместуваат деца со воспитно социјални проблеми.

Од Министерството за труд и социјална политика повикаа на надминување на предрасудите и потврдија дека до нив е стигната петиција од жителите на кои им било одговорено во најбрз можен рок.Додаваат и дека неколку недели пред да се преселат децата во куќата во Визбегово биле известени сите блиски соседи коишто се најдени во своите домови.

„Навистина ми е жал што дел од нашето општество сѐ уште не е зрело да се грижи и да ги прифати децата коишто во животот имале помалку среќа. Ние се грижиме за секое дете во државата. Не сакавме малолетните деца да ја слушнат омразата и гневот насочен кон, затоа во овој момент додека трае протестот тие се однесени на место каде што се прифатени од околината. За жал децата се свесни за ова што се случува тука и веќе патат“, истакна директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, Виолета Масевска Палиќ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во реакција до јавноста, порачаа дека никој нема право да ги дискриминира децата и најранливите.

„Воспитно-социјалните проблеми на децата, кои од домот ,,Ранка Милановиќ’’ се преместуваат во мали групни домови, се производ на негрижа, насилство и занемарување со кое се соочиле уште на самиот почеток на нивниот живот. Тие деца заслужуваат шанса и поддршка за да растат и да се развиваат како останатите деца, а не дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството“, посочуваат од Хелсиншки од каде апелираат д жителите на Визбегово да покажат емпатија, разбирање и прифаќање за децата.