Протест пред Влада – „Правда за Мартин“

Денеска во 18:00 часот пред Владата ќе започне протестот насловен „Правда за Мартин Нешковски“, најавен преку социјалните мрежи од братот на Мартин, Александар Нешковски.

„Јас ќе одам пред Владата – убиец на Македонија и народите во Македонија за да го порачам следното: Нема правда, нема мир!

И по 4 изминати години од грозоморното убиство на Мартин од страна на припадник на МВР и дел од обезбедувањето на Груевски, народот не престана да се бори за откривање на одговорноста на институциите, кои се уште ја лажат цела Македонија и ја прикриваат вистината злоупотребувајќи ги институциите за свои лични криминални цели.

Затоа во сабота во 18:00 часот да одиме пред Влада за да побараме да профункционираат институциите во Македонија за секој граѓанин подеднакво и да одговараат крвопијците, алчни само за политички поени“, се вели во најавата за протестот.

Протестите за случајот Нешковски се активираа повторно на 5 мај откако опозициската партија СДСМ објави „бомби“ во кои наводно се слуша како владини функционери го заташкуваат случајот за Мартин Нешковски.

Секојдневните маршеви и протести, резултираа со создавање на граѓанско движење за мир и правда #Протестирам кое бара демократизација на институциите и оставка и одговорност на сегашната Влада, како и ослободување на сите приведени и притворени демонстранти од протестите на 5 мај.

Коалицијата Граѓаните за Македонија исто така објави дека ќе го поддржи денешниот протест. Семејството на Мартин Нешковски, кој беше убиен пред четири години, вчера поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и поранешниот телохранител на премиерот, Дејан Митревски – Урко, за прикривање на убиството на Мартин.