Пронајден цртеж на Леонардо да Винчи под негово ремек дело

Откриен е цртеж на Леонардо да Винчи, скриен повеќе од 500 години под една од неговите најпознати слики „Дева Марија на карпите“.

Веста ја соопштија од Националната галерија во Лондон, чии експерти го анализирале делото и откриле дека Леонардо го почнувал, а потоа го оставал цртежот, пред да почне да го слика конечното дело.

На сликата се прикажани ангелот и бебето Исус, како и отпечатоци на раце на уметникот или на некој негов асистент.

Како што наведуваат експертите, се гледа дека Леонардо „се откажал од првобитната композиција на двете фигури и дека ги подигнал, повеќе го открил лицето на ангелот и го доближил до Богородица“.

Цртежот е изработен во материјал кој содржи цинк, кој се гледа под икс-зраци, како и со помош на хиперспектрални снимки.