Промовирано истражувањето за родот, сексуалноста, сексуалното здравје и МСМ во Македонија

Промовирано истражувањето за родот, сексуалноста, сексуалното здравје и МСМ во МакедонијаСо промоција на публикацијата „Истражување во заедницата: Општество, род, сексуалност, сексуално здравје и МСМ во Македонија“, неколку граѓански организации упатија препораки до здравствените институции и граѓанскиот сектор за подобрување на услугите за машкото сексуално и репродуктивно здравје во земјата.

„Истражувањето има за цел да направи темелна анализа на различните родови и сексуални идентитети, сексуално однесување и практики, како и сексуални здравствени потреби на мажите кои имаат секс со мажи во различни социо-културни средини во Македонија“, се вели во публикацијата чиј автор е м-р Славчо Димитров и е издадена од ХЕРА- Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.

Според ова истражување, МСМ во Македонија најчесто ги користат услугите за сексуално здравје понудени од невладините организации, особено доброволното и доверливо советување и тестирање за ХИВ.

Според препораките, државните здравствени институции треба да обезбедат финансиска стабилност и препознавање на пријателските услуги за сексуално здравје наменети за МСМ, кои ги обезбедуваат невладините организации во рамките на националната програма за превенција на ХИВ.

Институциите треба да формираат и работно тело кое ќе понуди стратегии за подобрување на услугите и пристапноста на постојната јавно-здравствена мрежа, како и да иницираат јавно-здравствени кампањи за зголемување на побарувачката за медицински услуги, како и советување за сексуално и репродуктивно здравје на мажите.

Невладините организации се препорачува да продолжат со тековната понуда на услуги и да отворат нови центри за услуги ширум земјата, како и да развијат стратегии за искористување на постојните социјални хоризонтални облици на споделување на знаењето во рамките на МСМ и геј средината како средство за превенција на ХИВ и СПИ.