Промовирана веб страницата Школа за податоци – Македонија

„Можноста цивилното општество да побара податоци кои се релевантни за јавните политики и постапки, е суштинска за владеењето на демократијата“, рече Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Едмунд Герет на денешната промоција на веб-страницата Школата за податоци – Македонија.

Концептот на отворени податоци е генератор на просперитетот и демократизацијата на општеството, рече амбасадорот.

Таа нуди константна поддршка на граѓанските организации, новинарите и сите заинтересирани граѓани во употреба на податоците како дел од проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, кој го спроведува Фондацијата Метаморфозис во партнерство со фондацијата Open Knowledge, а е поддржан од Британската амбасада во Македонија.

Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари додаде дека пристапот до податоците е важен за двете страни, бидејќи им помагаат на граѓаните да се изедначат во знаењето со политичарите кои ги имаат во секое време на располагање податоците од државните институции.

На веб страницата можат да се најдат курсеви за основи на податоци, како и информации за алатки и апликации за употреба и обработка на податоци.

Покрај веб-страницата, беше промовиран и Конкурс за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци. Рокот за пријавување е до 22 јуни, а сите граѓански организации можат да аплицираат со конкретна идеја за проект поврзан со отворени податоци. По завршувањето на конкурсот, ќе бидат селектирани четири проекти кои ќе добијат поддршка од Фондацијата Метаморфозис за нивно спроведување.