Промовиран шестиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“

Шестиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ кој ги содржи зборови од „т“ до „ш“ беше промовиран денеска во Институтот за македонски јазик. Под редакција на проф. д-р Кирил Конески, проф. д-р Живко Цветковски и раководителката на проектот проф. д-р Снежана Велковска, по обемната ексцерпција и оформената картотека, од 2003 до 2014 година, беа објавени шестте тома на кои работеа 20 лингвисти-македонисти, повеќето од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Професорката Снежана Велковска посочи дека процесот на реализација се одвивал низ повеќе фази, од кои подготвителната е малку подолга, додека самата лексикографската обработка траела 14 години, од 2000 до 2014 година. Таа изрази надеж дека во следниот период проектот ќе биде дигитализиран.

„ Тоа е многу важно бидејќи ливчињата избледуваат, се чувани во несоодветни услови, бидејќи толку имаме можности и под итно би требало да се дигитализира самата картотека,“ истакна Велковска.

Директорката на Институтот за македонски јазик проф. др. Елена Јованова Грујовска рече дека со промоцијата на шестиот том од Толковниот речник се заокружува еден четиридецениски проект и се осврна на потребата од ново издание на речникот.

„Првите три тома се исцрпени и тоа покажува колку е голем интересот за Толковниот речник. Тимот е со став дека треба да се направат мали корекции, затоа што во изминатите 13-14 години се случиле промени во јазикот и тоа треба да се претстави“, забележа директорката на Институтот за македонски јазик.

Професорот Људмил Спасов, како еден од промоторите на публикацијата, истакна дека ова е историско остварување и упати и забелешка за, како што рече, исклучително малиот број примероците во кои е печатен Толковниот речник од првиот до шестиот том.

Советот на Институтот за македонски јазик и група еминентни професори од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, одвоено го пријавија Толковниот речник на македонскиот јазик за наградата „Гоце Делчев“ за 2015 година. Поддршка за наградата дадоа Институтот за македонска литература и група професори од Педагошкиот факултет.

Печатењето на речникот беше финансирано од Министерството за култура на Република Македонија.