Промоција на првиот роман на Давор Стојановски

Промоција на првиот роман на Давор СтојановскиВо галеријата на МКЦ утре (3 декември) во 20 часот ќе се одржи промоција на дебитантскиот роман „Ненасловена месечева соната“ од Давор Стојановски, во издание на ИЛИ-ИЛИ. Романот ќе го промовира писателот Венко Андоновски, а извадоци од делото ќе чита поетот Ѓоко Здравески.

Во делото, пишувано осум години главно се преплетуваат и се надополнуваат две приказни од два засебни романи. Во рецензијата за делото, писателот Венко Андоновски истакнува дека романот покажува целосно зрел и оформен автор, кој е можеби и еден од најперспективните автори на една млада генерација писатели која допрва надоаѓа како убав бран. Андоновски истакнува дека на стилски план добиваме зрел, раскошен роман, со чести промени на стилските регистри и богат прозен ракопис со убаво развиена приказна и извајани ликови – сето тоа на ниво на писателско мајсторство на кое можат да се угледаат далеку поискусни и повозрасни автори.

„Ненасловена месечева соната“ е прв роман на Давор Стојановски. Тој е роден во 1987 година во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Магистрант е на групата за Македонска книжевност. Добитник на наградата „Ана Франк“, како и на откупната награда за расказ на дневникот „Нова Македонија“, за расказот „Соба со тенки ѕидови – Сонувајќи го Цејлон“ (2011). Член е на бендот „Фулиш грин“.