Промоција на книгата „Небо во капини“ во издание на издавачката куќа „Икона“

Добитникот на наградата за литература на ЕУ од Словенија, Наташа Крамбергер, гостува во Македонија. По повод одбележувањето на словенечкиот културен празник, 8 февруари – Прешернов ден, Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија, Делегацијата на ЕвропскатаУнија и издавачката куќа „Икона“ најавија промоција на нејзината книга „Небо во капини“. 

Промоција на книгата „Небо во капини“ во издание на издавачката куќа „Икона“
Промоцијата ќе се одржи на 7 февруари во 19.30 часот во просториите на ЕУ инфо центарот во Скопје. Промотор е проф. д-р Александар Прокопиев, а свое обраќање ќе има словенечкиот амбасадор Бранко Раковец.

Крамбергер  за книгата „Небо во капини“  ја доби наградата за литература на ЕУ, а преводот на оваа книга е објавен со помош на програмата Култура на Европската Унија 2007-2013 и Министерството за култура на Република Македонија. Преводот од словенечки јазик го направи Драгана Ефтимова.

Серијата настани „Културни приказни” на ЕУ инфо центарот има за цел да ја промовира европската култура, како и придонесот на националната култура во европската.

Промоција на книгата „Небо во капини“ во издание на издавачката куќа „Икона“Наташа Крамбергер, (1983), е победник на фестивалот на млада литература „Уршка 2006“, и тоа со нејзината прва книга, романот „Небо во капини“. Нејзиниот роман „Небо во капини“ со поднаслов „роман во приказни“ излезе во Љубљана во октомври 2007 година, а до сега е објавен на десетина европски јазици. Во 2009 година писателката го основа еко-арт колективот Зелена Централа, кадешто ја промовира екологијата и уметноста.

Во продолжение може да го прочитате краткиот опис за книгата „Небо во капини“.

Промоција на книгата „Небо во капини“ во издание на издавачката куќа „Икона“„Во три часот попладне во Амстердам, Јана, младата студентка од Словенија, Бери, стар италијански рибар и неговата света риба која носи среќа се на пазарот. Јана со себе носи приказна од едно село во кое растела во раните деведесетти години, во периодот кога во тоа село владее голема транзиција. Јана припаѓа на генерацијата последни пионири, но се запишува на веронаука. Нејзината лична приказна се преплетува со стварноста во Амстердам. Во овој „роман во приказни“ ги сретнуваме соседите Турци, трубадурот Џорди, шефот на месната заедница, стариот намќорест службеник во поштата, старата кинеска баба … и Бери. Бери е роден меѓу двете светски војни, ги изгубил родителите под нејасни околности, и заминал по светот. Приказните на Бери се поврзани со неговото патување во Јужна Америка и потрагата по злато, светата риба и светите реки, за перуанските старици со долги коси, за Индија и реката Меконг и за девојката во која се заљубил. Бери моментално живее во куќата-чамец во Амстердам, а неговата ќерка ја праќа внука му од Индија, која треба да почне со училиште и за која Бери треба да се грижи.

И што сега?

Кога Јана, младата студентка од Словенија, Бери, стариот италијански рибар и неговата света риба се сретнале на пазарот во Амстердам во три часот попладне, разговорот може да биде многу непредвидлив. Нивните лични приказни во овој роман се преплетуваат“.