Промоцијата на новата поетска збирка на Звонко Танески

Промоцијата на новата поетска збирка на Звонко Танески, „Чекајќи ја историјата“, ќе се одржи во среда (6 јули),  во кафе-книжарница „Магор“, со почеток во 20 часот.

Промотор на делото ќе биде професорката Наташа Аврамовска, а стихови ќе интерпретира поетот Ѓоко Здравески.

Тематски, во збирката преовладуваат еротски или еротизирани описи и асоцијации, иако се забележува и една нескриена чувствителност на политичкото битие на светот. Во песните се проектираат и слики од современото урбано секојдневје, во кои се насетува цинична интонација.

„Поезијата на Звонко Танески има свој круг на читатели, своја перспектива во рецепцијата, во преводот, така што верувам дека и оваа збирка, Чекајќи ја историјата, ќе наиде на добар прием, како кај домашната така и кај странската публика“, пишува во рецензијата кон книгата академик Катица Ќулавкова.

Звонко Танески (1980) е поет, книжевен преведувач и критичар, редактор, антологичар, доктор по филолошки науки. Работи како универзитетски професор на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава. Редовен член е на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка , на Меѓународната асоцијација на писатели и публицисти и на Словенската литературна и уметничка академија.

Добитник е на повеќе книжевни и научни награди во Македонија и во странство. Има објавено неколку поетски книги: Отворени врати (1995), Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Чоколада во портфолио (2010), Нежности без гарантен лист (2012) и Чекајќи ја историјата (2016). Автор е и на поголем број лингвистички трудови и монографии.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, во издание на „Антолог“.