Промоција на видеа за корупција во високото образование на Балканот и Ерменија

Младинскиот образовен форум најавува промоција на видеа за корупција во високото образование, која ќе се одржи во ГЕМ клубот на 24-ти февруари (среда), со почеток од 18 часот. Видеата го прикажуваат проблемот со корупцијата во седум земји: Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Ерменија.

На промоцијата ќе говорат Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Иван Мицковски од „Anticorruption Student Network SEE“, Катерина Славковска, Анти Корупција Интернационал Македонија и Александра Живковиќ, Младински образовен форум.

Целта на видеата е да ги прикажат успешните приказни на неколку студентски и младински мрежи во борбата со корупцијата во академските кругови, ставот на професорскиот кадар на водечките балкански универзитети и правната рамка во различни земји. Дел од луѓето кои говорат во документарните филмови се ректори на универзитети, претставници на граѓански организации, студентски активисти и професори на некои од високо образовните институции на Балканот или Ерменија.

Кратките документарни филмови се поделени на пет главни целини: дефинирањето и видовите на корупција во високото образование, истражувачки методи за детектирање на корупцијата во образованието, студентскиот активизам за спречување коруптивни појави, младински мрежи за спречување на корупција и соработка меѓу младите и институциите со цел надминување на проблемот со корупцијата.

Филмовите ги раскажуваат и приказните за три антикорупциски студентски и младински мрежи: Anticorruption Student Network in South East Europe (ACSN), Global Youth Anticorruption Network (GYAC) и TEN.