Промоција на стрипови инспирирани од приказните на бегалците во Јавна соба

Студентите од Факултетот за ликовни уметности и од Катедрата за општа и компаративна книжевност, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје изработија стрипови кои ги прикажуваат искуствата на бегалците. Нивните дела заеднички насловени „Црно-бели животи“ ќе бидат промовирани во понеделник (11 декември) во Јавна соба, со почеток во 19:30 часот.

Целта на стриповите е да ја подигнат свеста за страдањата и правата на бегалците, пред сѐ кај младата публика од 15 до 30 години. На настанот се поканети студенти и професори од повеќе факултети, како и издавачки куќи и студија за графички дизајн, кои би можеле да бидат идни работодавачи на овие млади луѓе.

Стриповите се изработени во рамки на проектот „Бегалец сега-Човек секогаш“, на Претставништвото на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, имплементиран од Центарот за човекови права и разрешување конфликти (ЦХРЦР) и Здружението за истражување, образование и развој (Центар РЕД), а финансиран од Европската Унија.