Промоција на стихозбирката „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова

Вечерва (13 август) со почеток од 20 часот на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова. Организаторите посочуваат дека промотор на стихозбирката ќе биде Снежана Стојчевска, додека модератор Јулијана Величковска.

„Големата прегратка“ која е издание на ПНВ публикации претставува и прва стихозбирка на Атанасова.

„В раце ја држиме дебитанската книга „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова и веднаш да кажеме дека имаме книга песни со силни чувства и непосреден поетски израз што импонира. Возбудливо, страсно и вдахновено пеење за љубовта и други емоции кои се доживуваат како глас на секојдневното и пеејќи за стварноста се открива внатрешната драма на модерниот човек. Книгата претставува своевидна поетска хроника на растреперена поетска душа која се стреми да влезе во актуелните кругови на најновата македонска литература.

Еве една минијатура што го потврдува нејзиниот прецизен поетски глас:

ПЕСНАТА НА МОРЕТО на Глен Гулд
За да ја чуеш
песната на морето
најди го звукот
на реките понорници“, напиша поетот Славе Ѓорѓо Димоски за стихозбирката на Атанасова.

Атанасова е родена во 1993 година во Штип и дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Пишува поезија и кратки раскази, застапена е во збирката поезија „Метрички карван“ во издание на библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија, а нејзини песни и раскази се објавени и во неколку периодични списанија.