Промоција на книгата „Поврзи ги точките“ од Николина Андова Шопова

Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечерва ќе биде промовирана поетската книга „Поврзи ги точките“ од Николина Андова-Шопова, во издание на „Темплум“.

За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, а стихови ќе читаат Румена Бужаровска и Елена Митревска.

– Николина Андова Шопова е поетеса која верува дека сето она што се случува околу нас носи во себе одреден полнеж што може да се претвори во поезија. Таа припаѓа на групата уметници според кои уметноста својот материјал може да го пронајде насекаде. Уметноста е и треба да се пронаоѓа во обичните и банални случувања од секојдневието. „Од телото ги исфрлам дреболиите на денот“, се вели во песната „Наопаку“. Преку преработката на тие „дреболии на денот“, Андова Шопова создава поезија речиси во целост составена од „расфрлените остатоци од реалноста“. Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив. Нејзината насоченост кон препознатливото е со цел да го потврди метафизичкиот карактер на тоа секојдневие. Затоа и кога нејзината поезија тематизира дури и слики од колективната меморија, тие слики се тука за преку поезијата да ја трансцедентираат својата баналност. Обично патување со автобус или воз, разгледување на предметите заборавени во џебот на панталоните на љубовникот, фотографии на клупа во парк, детска игра, истуткани хартивчиња во џебот… сите овие елементи за авторката се почеток, влез во поетското. Како да постои некоја пукнатина во појавите околу нас што секогаш може да се искористи за влегување во светот на новото значење, пишува Јанковски во критичкиот осврт кон книгата.

Авторката Андова-Шопова (Скопје, 1978) дипломирала на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во 2013 година ја објави првата поетска книга „Влезот е од другата страна“ за која ја доби наградата „Мостови на Струга“ од Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга.