Промоција на фестивалската антологија СловоКулт :: литерАРТура и едицијата СловоКулт :: Словотека

Во МКЦ Ресторанот на 9 март (вторник) од 17:30 часот ќе се одржи промоција на книжевните изданија од едицијата СловоКулт :: Словотека во издание на Арт Еквилибриум и СловоКулт :: Литератур/а Берлин, која се роди во 2020.

Организаторите велат дека дека промоцијата се одржува кога културата е еден од најзагрозените општествени сегменти, но во годината на корона успеаја да го одржат и второто издание на биеналето за современи уметности :: СловоКулт :: литерАРТура :: Гевгелија, Скопје, Берлин :: од кое произлезе и фестивалската антологија со дела од сите учесници (автори и ликовни уметници) како и касета со дела од нашите звуковни уметници.

„Вечерта ќе биде поделена во три блока, за да ви овозможиме паузи, излегување надвор и можност да купите книги без гужва и по желба да добиете посвета-потпис од нашите учесници: Во првиот блок ќе читаме поезија/текстови од фестивалската антологија :: СловоКулт :: литерАРТура: Мануела Златкова, Владимир Лукаш, Јовица Ивановски, Александар Кирковски, Марија Грубор, Исток Улчар и Сања Михајловиќ-Костадиновска, кои исто така ќе прочитаат исечоци или песни од своите колеги од Германија, Србија, Хрватска, Босна…“, стои во најавата за тричасовниот настан.

Концептот на мултимедија ќе се задржи во поголем дел од настанот, при што присутните ќе имаат прилика да видат снимки/исечоци од настанот во Берлин и со уметнички дела од ликовните уметници (видео-изложба).

Првиот дел ќе го завршиме со песни од Рајнер Марија Рилке во превод на Елизабета Линднер, со што ќе биде промовирана и оваа книга од едицијата СловоКулт :: Словотека.

„Вториот дел ќе го започнеме со песни од Рилке – и особена радост ни е што и Дарко Лешоски ќе биде наш гостин, за да прочита одбрани песни од Рилке. Потоа ќе преминеме на презентација на дел од песните и авторите застапени во тријазичната антологија на современа грчка поезија – во македонски превод од Томислав Османли. 20 автори кои се во тесна врска со списанието и издавачката куќа Трака од Лариса, под раководство на Танос Гогос, уредникот на книгата заедно со Елизабета Линднер“, велат организаторите.

Третиот дел ќе започне со Рилке и Краус (Crauss), со кој е планирана засебна промоција на книгата во блиска иднина, а потоа Елизабета Линднер Костадиновска ќе презентира дел од песните поместени во нејзината збирка поезија и експериментални дела –  и преку мултимедијален поетски перформанс.

„Просторот на МКЦ Ресторанот не само што е прекрасен, туку е и огромен, а паузите ќе овозможат проток на свеж воздух и свежа мисла, со која сакаме да внесеме живот во културата. Книгите ќе бидат по промотивна цена и секако ќе имате можност да поставите прашања“, стои во најавата за настанот