Промоција на деби албумот „Батанија“ на Крсте Роџевски во Менада

Деби албумот „Батанија“ на Крсте Роџевски, кој излезе на први септември во САД, а својата лајв-промоција ја доживеа неколку дена подоцна во култниот њујоршки клуб Joe’s Pub е снимен во текот на јануари во бруклинското студио Bunker. Македонската промоција ќе се одржи во четврток, во „Менада“, со почеток од 21 часот.

„Батанија“ го претставува Роџевски како комплетен автор, гитарист и пејач, придружен од некои од највозбудливите музичари на њујоршката џез и импро сцена: Мери Халвoрсон (електрична гитара), Кирк Кнафке (труба), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Албумот, издаден за Much Prefer Records на компакт-диск и винил, содржи десет авторски композиции отпеани на македонски јазик.

„Албумот претставува длабоко лична приказна. Станува збор за колаж од сеќавања, анегдоти, хумор, соништа и преданија, раскажани некогаш во еден здив, некогаш фрагментирано, како фотографии расфрлени по подот. Стиховите изобилуваат со македонски архаични изрази, локални дијалекти и игри на зборови, а се бават со смртта, копнеењето и паганството како и со тоа колку стравот, вината и естетиката се пренесуваат од колено на колено“, стои во најавата за настанот.

За композициите на „Батанија“ Роџевски вели:

„Инспирацијата ја црпев од различни извори: гитарата на Џон Феи, емоциите на Алберт Ајлер, воздржаноста на Хаино Кеиџи, продукцијата на Џим О‘Рурк, леснотијата на Паулињо да Виола, аранжманите на Ван Дајк Паркс, како и византиската меланхолија, бразилската боса-нова, раскажувањето на Гомбровиц, македонскиот блуз.“

Роџевски е роден и израснат во Битола, а од 1998 година живее и работи во Њујорк како психијатар со своја ординација. Работи и како асистент на Њујоршкиот универзитет, меѓутоа музиката му била животна страст.