Произведени најдобрите слушалки на светот, ќе чинат 55.000 долари

Во 90-те години, компанијата Sennheiser побара од своите инженери да ги направат најдобрите слушалки кои постојат, а резултатот беа 300 пара од легендарниот модел Orpheus, кои се продаваа по 16.000 долари. Сега, оваа компанија го продолжува легендарниот модел, со уште поголем квалитет, но и повисока цена – еден пар од новите слушалки Orpheus ќе се продава за неверојатни 55.000 долари.

Овие слушалки, кои се опишуваат како „сонот на секој аудиофил“, се резултат на десетгодишна непрекината работа на инженерите на Sennheiser, а во нив е подобрен електростатичниот дизајн и имаат нов засилувач.

За оние кои не се упатени, цената и квалитетот на овие слушалки се должат на нивниот електростатичен дизајн – тие работат со поставување на статичен електричен набој на тенка лента која стои меѓу две парчиња метал. Аудио сигналот предизвикува лентата, која обично тежи помалку од воздухот околу неа, да осцилира и да произведува звук. Поради тоа што лентата е многу лесна, таа нема проблеми со резонанцата и произведува звук со екстремна чистота.

Произведени најдобрите слушалки на светот, ќе чинат 55.000 долари

Засилувачот, кој е комбинација на најдобрите својства на неколку технологии, е вграден во слушалките, при што загубата на сила од аудио сигналот е занемарлива. Во слушалките има и делови од платина, злато, сребро, керамика, каблите се од бакар без кислород, а куќиштето е од мермер од италијанската област Карара, кој е ист тип како мермерот со кој работел Микеланџело.

Новиот модел Sennheiser Orpheus ќе се продава во ограничени количества, од средината на идната година.

Извор