[Програма] Скопски џез фестивал од 17 до 21 октомври

Скопски џез фестивал годинава ќе се одржува од 17-21 октомври на две локации: Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар.

Порграмата нуди специјални и ексклузивни концерти и не претставуваат дел од турнеите на музичарите. Исклучок е настапот на David Murray Quartet со Saul Williams, што ќе го означи стартот на нивната европска турнеја.

Најдобриот британски џез пијанист денес, Alexander Hawkins, доаѓа од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. Иновативниот гитарски херој Arto Lindsay пристигнува од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи извонредниот норвешки тапанар Paal Nilssen-Love, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

Од Њујорк доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Wadada Leo Smith, за единствена европска аудио-визуелна изведба на неговото ремек-дело „Reflections and Meditations on Monk”. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка Harriet Tubman, предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Brandon Ross.

Специјален гостин на фестивалот е некогашниот фронтмен на култните Sonic Youth, гитарскиот гуру Thurston Moore, една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена.

Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Mette Rasmussen, уникатниот многуброен женски вокален состав Trondheim Voices, со својот впечатлив аудио-визуелен перформанс, како и специјалното трио на многу фалената португалска трубачка ѕвезда Susana Santos Silva со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Ab Baars и со најдобриот џез-перкусионист во 2018 година според списанието DownBeat, чикашката легенда Hamid Drake. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио Mopo.

Последната фестивалска вечер е резервирана за Тони Китановски. Одбележувајќи ја 30-годишнината од почетокот на своето музичко патешествие, тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот Panda 5, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare”, а во вториот дел ќе му се придружат некои од неговите најзначајни музички пријатели и соработници: Американците Jon Sass (туба) и Dave Wilson (саксофон), Перуанецот Piero Epifania Osambela (кахон), како и добропознатите балкански ѕвезди Васил Хаџиманов (пијано) и Асан Рашит (труба).

ПРОГРАМА

18 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
ALEXANDER HAWKINS (В. Британија)
DAVID MURRAY QUARTET feat. SAUL WILLIAMS “Blues for Memo” (САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
ARTO LINDSAY & PAAL NILSSEN-LOVE (САД/Норвешка)

19 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
WADADA LEO SMITH “Reflections and Meditations on Monk” (САД)
HARRIET TUBMAN (САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
THURSTON MOORE (САД)

20 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
METTE RASMUSSEN (Данска)
TRONDHEIM VOICES (Норвешка)
SUSANA SANTOS SILVA / AB BAARS / HAMID DRAKE (Португалија/Холандија/САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
MOPO (Финска)

21 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
Тони Китановски: 30 години творештво
PANDA 5 (Македонија)
TONI KITANOVSKI & FRIENDS (Македонија/САД/Србија/Перу)

Фестивалот годинава има и богата придружна програма: доделување на наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година, промоција на албумот „Big City Scare” на Panda 5 – најновиот состав на Тони Китановски, како и отворање на изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“, во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград.

Во рамките на 37-то издание на Скопскиот џез фестивал, ќе биде промовиран и Манифестот на Европската џез-мрежа (Europe Jazz Network) за родова еднаквост во џезот и креативната музика.