Тимот „Дрвените адвокати“, составен од Јана Николовска, Леона Змајшек и Максим Неделкоски се првопласирани на Националното дебатно првенство за почетници, кое се одржа онлајн викендов во организација на Младинскиот образовен форум.
Десет тима и овој пат виртуелно, преку алатките MixIdea и Discord ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулата најдобар тим.
На првенството беше доделено и второ место, кое го освои тимот „Гибоните“, составен од Итан Георгиевски, Нина Петковска и Давид Салонтаји.
Итан Георгиевски, пак, беше прогласен за најдобар говорник на првенството. Второ место освои Јана Николовска, а трето место Максим Неделкоски.
На првенството имаше пет прелиминарни рунди, полуфинале и финале. Учесниците дебатираа на три тези, од кои две беа импромпту тези, со зададени 45 минути за подготовка пред рундата.
Главната теза на првенството гласеше – „Овој дом би им забранил на политичарите кои не си ги исполниле предизборните ветувања повторно да се кандидираат“. Двете импромпту тези гласеа „Овој дом би вовел задолжително гласање“ и „Oвој дом како припадник на ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија, би ја криел својата сексуалност“, која ја дебатираа полуфиналистите.