Прогласени најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител во Скопје за 2020

Никола Мајнов, Дарко Јовановски и Звонко Васев се прогласени за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител во Скопје за 2020 година.

Признанијата им ги врачи Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој изрази надеж дека наградите ќе претставуваат дополнителен мотив за добитниците.

„Скопје е град на солидарноста и ние ја чуваме таа традиција, а хуманоста и солидарноста стана дел од нашите животи, од начинот на живеење на  скопјани. Во овие тешки времиња, особено тешки животни услови и ситуации предизвикани од  ковид 19, не можеме да ги заборавиме оние што се истакнале со својата хуманост преку своите дела. Се надевам дека овие награди ќе бидам мотив за добитниците, за нивни колеги, како и за сите нас, како колеги и граѓани да бидеме похумани и посолидарни и да се обидеме да помогнеме секогаш кога можеме, кога на некого ќе му биде потребна помош“, рече Шилегов.

За своите заслуги во работењето и за својата пожртвуваност награди денеска добија:

  • Никола Мајнов, Пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар пожарникар за 2020 година.

  • Дарко Јовановски, вработен во Полициска станица од општа надлежност „Гази Баба“, кој ја добива наградата за најдобар полициски службеник.

  • Звонко Васев е истакнат крводарител кој ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв и ја добива наградата за крводарител на годината.