И Професорскиот контра-пленум побара средба кај Иванов

Иницијативниот одбор на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование кој се појави како контра пленум на Професорскиот пленум, денеска побара средба со претседателот Ѓорѓе Иванов.

„Убедени сме дека како Претседател на Република Македонија, но едновремено и како професор, силно верувате во потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во земјата, пред сé, во интерес на студентите, професорите, но секако и во интерес на развојот на Република Македонија. Нашите силни заложби за реформирање на високо образовниот систем на Република Македонија се резултат на потребата за зголемување на неговиот квалитет, за поголемо учество на професорите во креирањето на европската и светската научна мисла, учество во научно-истражувачките проекти надвор од земјата, мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор, и слично. Свесни сме дека високото образование во нашата земја мора да ги следи европските и светските трендови и практики за квалитет, да биде компатибилно со новите знаења подготвени за соочување со глобалните образовни предизвици, со цел создавање енергија и мотивирачка сила која ќе ја движи Република Македонија напред во економска, политичка и општествена смисла“, се вели во соопштението.

Професорите од овој одбор велат дека знаењето е клучната сила што го движи светот напред, како и клучната сила што ќе ја движи Република Македонија напред. „Крајно време е целата македонска академска заедница да се обедини во насока на реализирање на оваа мисија“, велат од Иницијативниот одбор.

Околу 200 професори се потпишаа за поддршка на предлогот за државен испит за студентите, со што директно се спротивставија на барањата на десетината илјади студенти кои протестираа против ваквата реформа и се поддржани од Професорскиот пленум, но и од стотина реномирани светски професори и филозофи како Славој Жижек, Џудит Батлер, Среќко Хорват, Мајкл Харт, Игор Штикс.

Соопштението за барањето стигна неколку часа откако Кабинетот на претседателот Иванов соопшти дека го прифатило барањето за средба на Професорскиот и Студентскиот Пленум, на која се очекува тие да побараат тој да стави вето на предложените измени на Законот за високо образование со кои се воведува државен испит.