Професор од Црна Гора осуден за навреди против ЛГБТ заедницата во текст во весник

Во првиот ваков случај во историјата на црногорскиот правосуден систем, универзитетскиот професор Слободан Радоњиќ е осуден за дискриминација на ЛГБТ-луѓето поради навреди изнесени во негов авторски текст, објавен во весник. Во написот со наслов „Парада на потсмевањето на црногорската гордост“, објавен во весникот „Дан“ на 9 мај 2011, Радоњиќ изнел низа навреди и ги дискриминирал луѓето со поинаква сексуална ориентација, пресуди судот во Подгорица.

Професор од Црна Гора осуден за навреди против ЛГБТ заедницата во текст во весник

Во пресудата, донесена по тужбата на невладините организации Центар за дискриминација „Еквиста“ и ЛГБТ форум „Прогрес“ се наведува дека Радоњиќ е виновен за потешка форма на дискриминација, затоа што во текот на судењето истакнал дека стои зад сите зборови кои ги напишал во текстот. Со пресудата му се наложува на професорот да ги плати судските трошоци во износ од 900 евра, а тој повеќе не смее јавно да ги повтори изречените ставови.

Дневниот весник „Дан“ има рок од 15 дена да ја објави пресудата во целост. Осудениот професор изјавил дека обвинителот погрешно ги интерпретирал наводите од текстот.