Проекти на 39 училишта наградени на „Предизвик за млади истражувачи 3“

Триесет и девет проекти на основни и средни училишта од Северна Македонија се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3“ кој Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го спроведува во соработка со Министерството за образование и наука (МОН).

Целта на овој повик, кој Фондот го спроведува веќе трета година, е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Годинава прворангирано основно училиште е ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино, со проектот „Не го фрлај твојот отпад“ со кој учениците истражуваат дали преку органскиот отпад можат да добијат средства за чистење кои не се штетни. Кај средните училишта најдобро рангиран е проектот „Искористување на енергијата од електромагнетна индукција за произведување на струја“ на скопската гимназија „Орце Николов“.

Наградените училишта од целата земја, ќе работат на проекти во различни области од природните и технички науки. Во најголем дел предлог проектите се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија.

„Оваа година беше малку поинаква од другите но сепак тоа не нè спречи нас младите да продолжиме да си ги остваруваме нашите цели и да работиме на  тоа што сакаме да го постигнеме. Ситуацијата во која сега се наоѓаме, не учи дека не секогаш ќе имаме идеални услови за работа и ни кажува дека некогаш треба да излеземе од комфор зоната за да напредуваме и да станеме подобри личности,“ им порача на сите ученици и ментори, Давид Стојкоски, првенец на генерација 2016 – 2020 во скопската гимназија „Никола Карев“ и практикант во ФИТР на прогласувањето на наградените училишта кое се одвиваше онлајн.

Вкупниот буџет на повикот е 6.000.000 денари. Поединечен предлог проект може да добие до 300.000 денари и дополнителни 30.000 денари за ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

На третиот повик предлог проекти доставиле 58 училишта.

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски најави дека поддршката за младите во Северна Македонија ќе продолжи.

„Со денешните наградени училишта имаме речиси сто поддржани училишта во кои се вклучени над 800 ученици и ментори. Ние остануваме посветени на поддршката на младите луѓе и понатаму бидејќи вие сте ми вистинска мотивација и инспирација дека оваа земја има одлична иднина. Вашиот креативен потенцијал е огромен, а наш приоритет е да вложуваме во него и да го развиваме“, порача Деспотовски.

Тој најави дека со почетокот на новата училишна година Фондот ќе објави и нов Предизвик за млади истражувачи.

Предизвикот беше отворен на 24.01.2020 година. Поради новонастанатата ситуација со пандемијата со КОВИД-19, на барање на училиштата, рокот беше продолжен до 06.04.2020 година. Од ФИТР додаваат дека во изминатите две години се поддржани 54 училишта со над 500 вклучени ученици.