Проекција на оскаровецот „Inside job“ и дискусија во СЦ „Дуња“

Во Социјалниот центар „Дуња“ на 22 август (четврток) од 19:30 часот ќе има проекција на документарецот „Inside job“ (Како банките го опљачкаа светот).

Од „Дуња“ нагласуваат дека се работи за документарен филм кој доби многу позитивни оценки поради истражувањето на темата и разбирливото објаснување на инаку комплексниот материјал.

Филмот е добитник на „Оскар“ за најдобар документарец во 2010 година.

„Финансиската криза од 2008 не падна од небо. Таа беше директна последица на неолибералната политика на дерегулација на банките и, општо, на политиките на т.н. либерализација на пазарите. Но, иако кризата беше предизвикана од политиките кои одеа во корист на богатите, цената за излез од кризата ја платија работниците и општо, сиромашните и непривилегираните. Кризите на капитализмот се циклични и има навестувања дека следната година светот повторно ќе го погоди нова рецесија. Оттука, познавањето на она што доведе до кризата од 2008 е клучно за да не се повторат истите грешки и, следниот пат, да се организира поуспешен отпор“, стои во најавата за филмот.

Преводот на филмот ќе биде на српски јазик. Доколку дозволат временските услови, проекцијата ќе биде на отворено – во дворот на СЦ Дуња. По проекцијата следува дискусија.