Проекција на филмот „Офицери“ во Кинотека

Во Кинотеката на Македонија утре ќе биде прикажан филмот „Офицери“ од 1971 година, во режија на Владимир Роговој. Филмот се прикажува по повод 76 годишнината од нападот на Нацистичка Германија врз Советскиот сојуз познат под името Операција Барбароса, со кој на 22 јуни 1941 година започнува Втората светска војна.

Филмот е дел од архивата на Кинотеката на Македонија, а настанот се организира во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Проекцијата е во 19 часот.

Филмот е сага која ги следи судбините на двајца пријатели, Алексеј Трофимов и Иван Варава низ годините, од 1920-тите до 1960-тите години. Во 1920-тите години тие заедно служеле војска на границата и се бореле со арамиски банди и разни бунтовници во Централна Азија. Тоа бил мигот кога овие млади луѓе ги слушнале и засекогаш ги запамтиле зборовите на нивниот командант: „Постои една професија – одбрана на татковината“. По војувањето во Кина во војната против Јапонија, а потоа граѓанската војна во Шпанија, следи Големата татковинска војна. Двајцата напредуваат во кариерите, Варава дипломира на Воената академија, додека Трофимов со својата жена ги поминува беспаќата на многуте војни во кои учествува за време на неговиот ангажман во војската. За време на Татковинската војна гине синот на Трофимов, но тој и неговата жена се грижат за нивниот внук Иван, крстен според Варава. Иван станува третата генерација војници од семејството Трофимов, а учи на академијата каде главен е генералот Варава. Филмот е зачинет и со една дискретна паралелна љубовна приказна во која Варава очигледно има чувства кон Љуба, сопругата на Трофимов.