[Македокс] Проекција на документарниот филм „Депонија“ во „Ку-ла“

Со проекција на документарниот филм „Депонија“ на 30 ноември во „Ку-ла“ , фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ започнува со реализацијата на „Зимската програма“ . во рамките на оваа програма е предвидено да бидат прикажани 15-тина документарни филмови од ризницата на „Македонкс“ кои оставија најсилен впечаток кај фестивалската публика.

Сниман во текот на речиси три години, филмот „Депонија“ го следи реномираниот фотограф Вик Муниз и неговата работа на најголемата светска депонија „Жардим Грамачо“, лоцирана на периферијата на Рио де Жанерио. Таму тој фотографира една еклектична банда на катадорес – самопрогласени собирачи на рециклирачки материјали. Иницијалната идеја на Муниз е да ги „наслика“ катадорес со ѓубре. Филмот сведочи за трансформирачката моќ на уметноста и алхемијата на човековиот дух.

Филмот „Депонија“ (Waste land/ Lixo Extraordinario) е англиско-бразилска копродукција (2010) во режија на Луси Вокер. Станува збор за документарец кој зборува за рециклирањето, но е и нешто повеќе од обичен еколошки филм, а сето тоа е монтирано на музика на Моби.

Филмот во 2010 година ја доби наградата од публика за најдобар документарен филм на „Санденс“, ја зема наградата од публика за најдобар филм на Берлински филмски фестивал како и наградата за човекови права на „Амнести интернешнал“ .

„Она што за некого е ѓубре, за друг е уметност. Профитирајте и вие од вашето ѓубре околу топлиот оган во дворот на „Ку-ла“ каде што по проекцијата ќе организираме еден вид на „размена на отпад”. Доволно е да земете еден предмет од вашата „домашна депонија“, на пример, облека, книги или стари предмети, и ние ќе се погрижиме во негова замена да добиете нов предмет со кој ќе го збогатите вашето заминување“, посочуваат од Македокс.

Почетокот на „Македокс кино матине“ е најавен во 18 часот.