Продолжува студентската блокада на Универзитетот во Белград

И денес влезот на Ректоратот при Универзитетот во Белград е затворен за ректорката и професорите. Студентите од петокот започнаа со блокадата, револтирани од тоа што нивните професори молчат за проблемите во општеството, а ги обвинуваат и дека дозволиле власта да ја наруши автономијата на Универзитетот.

Студентите се претставници на движењето „1 од 5 милиони“. Тие бараат од ректорката Иванка Поповиќ да предложи до премиерката Ана Брнабиќ да го разреши министерот за финансии Синиша Мали. Причината за ова барање велат тие, е притисокот врз Комитетот за разгледување на неговиот докторат бидејќи како министер за финансии е одговорен за утврдување на средствата за Универзитетот, но и за платите на професорите. Сепак, Поповиќ одговори дека не може тоа да го направи.

„Се надевам дека разговорите ќе продолжат и ние сме подготвени да одговориме на разумни барања, но не можеме да одговориме на барањата што не се во наша надлежност, како што е разрешување министер или утврдување нечија партиска припадност“, рече ректорот Поповиќ.

Фото: VICE Srbija

Ректорскиот колегиум на Универзитетот во Белград соопшти дека поради блокадата на Ректоратот се загрозени интересите на 100 000 студенти.

Претходно, премиерката Брнабиќ изјави дека не се согласува на барањата на студентите, додека претседателот Александар Вучиќ прокоментира дека студентите успеале да го постигнат тоа што тој не можел седум години.

„Успеаја со своето чудесно делување да ги свртат против себе сите луѓе кои демонстрираат, а сите беа на нивната страна“, рече тој.

Сепак, студентите нагласуваат дека нивниот револт е насочен кон Ректоратот, а не кон претседателот на Владата или претседателот.