Продолжен е рокот за пријавување бендови на Лузер Фест

Рокот за пријавување бендови за учество на годинешното издание на Лузер Фест е продолжен до 15 октомври, соопштија од „Пасворд“ продукција.

„Пред сѐ ве известуваме дека по барањата кои ни ги испратија дел од бендовите на кои им е потребно дополнително време за да ги подготват материјалите за пријавување, конкурсот за Лузер Фест е продолжен до 15. октомври. Ве советуваме сепак да побрзате и да ги искористите дополнителните 5 дена од конкурсот, кој поради големиот број на веќе пристигнати пријави ќе биде дефинитивно затворен заклучно со четврток (15. октомври). Од сите пријавени до тогаш, во финалето за „Лузер Фест“ влегуваат само 8 изведувачи“, се наведува во соопштението на „Пасворд“.

Лузер фест ќе се одржи на 28 ноември во МКЦ. Првопласираниот бенд или солист на Лузер Фест 2015 покрај можностите за настапи на европските фестивали, снимање и објавување на албум, годинава добива и бесплатна изработка и снимање на видео спот за кој целосно ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ.

Трите првопласирани учесници на ЛУЗЕР ФЕСТ 2015 влегуваат во селекција за настап на најголемите европски фестивали кои самостојно ќе го изберат изведувачот од Лузер Фест кој ќе се придружи на нивната фестивалска програма во 2016. година. Место на една од своите сцени за бендовите од Лузер Фест веќе резервираа реномираните „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка), „СИГЕТ“ (Унгарија) и „ШПАНЦИР“ (Хрватска).

За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат), контакти, фотографија и кратка биографија на бендот и членовите на info@password.mk и lina@password.mk . Победникот ќе биде избран од жири, како и од гласовите на публиката. Жирито ќе биде во мешан етничко – национален карактер и ќе бидат вклучени селектори од горенаведените фестивали.

„Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“. Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани.

„Не примаме песни со семејни и традиционални вредности. Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно“, потсетуваат од „Пасворд“.