Селата на Шар Планина се уште се живи а месното население се занимава со традиционални дејности и веќе ги ужива благодатите на еко и руралниот туризам. Производите од Шара се брендирани и зачуван е нивниот надалеку познат квалитет. Природата на Шар Планина е зачувана и заштитена со обновени шуми, растителен и див свет а на реките нема хидроцентрали. Планинските езера на Шара и речните корита конечно се чисти од отпад. Движењето на планината се одвива исклучиво со лиценцирани водичи и е пријавено во полиција и спасителна служба.
Сите села имаат организирано собирање на сметот, канализација и пречистителни станици за отпадни води. Месните заедници имаат одлучувачка моќ и нивниот глас се вреднува и слуша. Во идното заштитено подрачје сите чинители работат здружено со иста цел а тоа е заштита на природата и благосостојба на локалното население. Ова е визијата на претставниците на локалното население од шесте општини под Шар Планина презентирана на шест одделни трибини за креирање на заедничка визија за планината за 20 години од сега.
Ваквото видување на локалното население беше презентирано во рамки на трибините коишто се одржаа од 26 март до 07 мај во организација на платформата Пријатели на Шара во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Јегуновце и Тетово на коишто учествуваа околу 200 клучни чинители од Полошкиот регион.
„Иако на овие трибини беа истакнувани проблемите поврзани со прекумерна и неконтролирана сеча на шумите на Шар Планина, криволовот, прекумерниот отпад во природата и дивите депонии близу населените места, прекумерната урбанизација, неправилното собирање на билките и боровницата, сепак локалното население беше согласно во својата визија дека природата на Шар Планина до 2038 година мора да биде заштитена а селата на Шара и под Шара да останат живи и со активно население коешто ќе биде задоволно и ќе живее во благосостојба со природата“, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин, член на Македонско еколошко друштво и Платформата Пријатели на Шара.
Во креирање на визијата за Шар Планина учествуваа претставници на локалното население, на ловџиски и планинарски друштва, на невладини организации, на општини и месни заедници, собирачи на шумски плодови и билки, угостители и вљубеници на природата на Шар Планина.
Финалниот документ „Шест општини една визија за Шар Планина“ ќе биде презентиран на завршна конференција кон крајот на овој месец што платформата Пријатели на Шара ќе ја организира на Попова Шапка.
Во рамки на овие трибини локалното население даде свое мислење и во однос на идното советодавно тело за Шар Планина што ќе биде составено од клучни чинители од регионот а ќе наскоро ќе биде и официјално формирано.
Платформата Пријатели на Шара овие активности ги спроведува во рамки на проекти финансирани од ИПА – 2 механизмот и канцеларијата на ГИЗ во Скопје.
Платформата пријатели на Шара е составена од невладините организации Македонско еколошко друштво- Скопје, Центарот за едукација и развој, Институтот за развој на заедницата и Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Иницијатива за граѓанска интеграција од Гостивар.