Прилепчани утре вртат педали: Велосипедска патека сум дете, не ме знаеш ти, од Прилеп си!

Под мотото „Велосипедска патека сум дете, не ме знаеш ти, од Прилеп си!“, утре (28 ноември) иницијативата ПрилепНаТочак од 17:30 пред општината ја организира 54-тата велосипедска Критична маса.

„Прилеп и понатаму останува единствен поголем град во Македонија кој нема ниту сообраќаен знак за вело – патека, а не пак функционална велосипедска патека. Тажна е сликата кога се асфалтираат и реконструираат улиците низ градот, а притоа пешаците и велосипедистите се комплетно заборавени“, велат од ПрилепНаТочак.

Според велосипедистите Прилеп е град со нула километри велосипедски патеки и тоа, вели иницијативата, е поразителен факт, за чија промена за жал никој нема слух.

„Во светот се прават велосипедски патеки од рециклирани материјали, соларни велосипедски патеки, вело- патеки кој ја апсорбираат дневната светлина и светат преку ноќ, кај нас сеуште е проблем да се намести обичен сообраќаен знак за велосипедска патека. Прилепчани сакаат да се движат низ градот на велосипед, и во лето и во зима, и стари и млади, постојано се на небезбедните градски улици и тротоари и покрај тоа што никој не води грижа за нив и нивните потреби во сообраќајот. Време е за велосипедски патеки во Прилеп, време е за вело инфраструктура, градот го заслужува тоа…“, се вели во повикот за новата Критична маса.