„Пријатели на Шара“: Одолговлекувањето за Шар Планина како НП е во прилог на финансиски интереси пред општото добро

Платформата „Пријатели на Шара“ преку соопштение до јавноста реагира што се одоолговлекува процесот на прогласување на делови од Шар Планина за национален парк.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението во целост:

“Пријателите на Шара информираат дека во Законот за заштита на природа (член 75) којшто се однесува на забранети активности во национален парк, јасно стои дека во национален парк се поддржува одржливо користење на природните ресурси, односно не е забрането напасување на стока (сосема спротивно, според Петтиот извештај за биолошка разновидност, недостатокот на напасување е една од најголемите закани за тревестите екосистеми).

Важно е да се нагласи дека според Законот за заштита на природата само во зоната за строга заштита се забранува напасување на стока, нешто за коешто би се залагале во иднина да се промени, се со цел одржување на пределите и високо планинските пасишта.

Уште еднаш потсетуваме дека процесот на прогласување на делови од Шар Планина за национален парк ужива поддршката од 83 проценти од локалното население (според анкетата на Пријателите на Шара објавена во 2016 година, а спроведена со испитаници од сите шест општини во Полог). Според нас, одолговлекувањето на процесот на заштита оди во прилог единствено на поединци кои ги ставаат личните финансиски интереси пред општото добро.

Информирани сме дека на почетокот на декември 2019 година во Министерството за животна средина и просторно планирање е предадена Студијата за валоризација на природните вредности на Шар Планина, во која се предложени надворешни и внатрешни граници (зони) на идниот национален парк од страна на експертски тим, но до овој момент, овој документ не е достапен за јавноста.

Би сакале да потенцираме дека Република Македонија ја има ратификувано Бернската Конвенција за заштита на Европскиот див свет и природните живеалишта, и во рамки на истата е идентификувана листа на Eмералд подрачја во која е вклучена и Шар Планина. Во исто време посочуваме дека нарушувањето на пределите на Шар Планина не оди во полза на алтернативните форми на туризам кои сѐ повеќе се нудат од страна на локалното население.

Во време кога глобалната политика целосно се трансформира под притисок на климатските промени и огромната загуба на биодиверзитетот истакнуваме дека националните паркови и другите заштитени подрачја имаат поширока, заедничка вредност, односно нудат услуги за целата заедница и поширокото општество, а не само придобивки за секторите кои ги експлоатираат нивните ресурси.

Конечно, не заштитувањето на Шар Планина не оди во прилог на остварување на целите од националните стратегии за заштита на природа и за заштита на биолошката разновидност, а на меѓународен план, не оди во прилог на воспоставување на мрежата на заштитени подрачја на Европската Унија – Натура 2000, како неодложна обврска на земјата на патот за пристапување кон Унијата“, стои во соопштението на Платформата.

Платформата „Пријатели на Шара“ е формирана во 2015 година со мисија лобирање и поддршка на процесот за идно прогласување на Шар Планина за национален парк. Членки организации на Платформата се: Македонско еколошко друштво, Центар за едукација и развој, Теарце, Планинарски клуб „Љуботен“, Тетово и Иницијатива за граѓански интеграции од Гостивар.