Преживеана жртва на Холокаустот апелира на мир пре д изборите во Австрија

Емоционален апел на 89-годишната Гертруд стана популарен на интернет пред претседателските избори во Австрија.

Гертруд, 89-годишна Еврејка, вели дека десничарската Партија за слобода на Австрија, предводена од Норберт Хофер, „го вади најпростото од луѓето“, и ги повикува луѓето да гласаат за неговата конкуренција.

„Сум го видела ова и порано… ме боли и ме плаши“, вели таа, алудирајќи на антисемитизмот во 1930-тите години.

Таа била депортирана во Аушвиц со своето семејство кога имала 16 години и  е единствената која преживеала.

Гетруд, која го кажува јавно само своето име, го споделила видеото преку ривалот на Хофер, Александар Ван дер Белен. Прегледано е речиси три милиони пати.

Вториот изборен круг за претседателските избори во Австрија е закажан за 4 декември, а анкетите покажуваат дека и двата кандидати речиси имаат ист број на гласачи. Доколку Хофер победи, ќе биде првиот радикално-десничарски претседател во Европската унија.

Неговата партија била основана во 1955 година, од поранешен генерал во Нацистичката СС единица, кој има цврста анти-имиграциона политика.

„Тоа ме загрижува најмногу… Немаат почит за другите, и го извлекуваат најпростото од луѓето – не она чесното, туку нечесното“, вели Гертруд во видеото.

Таа ја споредува реториката за имиграцијата со нејзините сеќавања за Евреите кога биле исмевани, додека ги чистеле улиците на Виена во нејзината младост.

Коментирајќи ја реакцијата на нејзината порака, Гертруд вели дека е „пријатно изненадена што зборовите на една стара жена се сфатени сериозно“.