Претставата „69“ на 20 и 21 февруари во МКЦ

Претставата „69“ работена според четири едночинки на Оскаровецот Алан Бол, ќе се игра на 20 и 21 февруари во 20 часот во џебното кино во Младинскиот културен центар во Скопје.

Претставата „69“ на 20 и 21 февруари во МКЦ

Се работи за прва претстава во Македонија направена според текстови на овој модерен американски автор кој воедно е и сценарист на филмскиот хит „Американска убавина“ за кој доби „Оскар“ и „Златен глобус“, а работеше и на хит-сериите „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“. Режисер на „69“ е бугарскиот театарџија и основач на алтернативниот театар МОМО, Веселин Димов.

Главните улоги ги толкуваат актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска. Претставата премиерно беше изведена на 20 декември минатата година, а македонската публика сега повторно има шанса да ја погледне.

Претставата е работена според четирите едночинки „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“ на Алан Бол.
Режисерот Веселин Димов е основач е на алтернативниот театар „МОМО“ во Софија. Има работено во Франција и во Англија и во тек на кариерата ги има поставувано Чехов, но и модерните автори како Елфриде Јелинек, Питер Хандке, Даниел Хармс итн . Живее во Софија каде што дипломирал театарска режија на НАТФИЗ. Режирал во голем број на државни театри во Бугарија, а негов интерес, пред сѐ, се современите форми на изразување.

Златко Митрески е дел од ансамблот на Драмскиот театар во Скопје и во моментов можете да го погледнете и во претставата „Кавкаски круг со креда“ во режија на Златко Славенски. Има дипломирано на Националната академија за театар и филм во Софија, Бугарија. Домашната публика најверојатно најмногу го препознава како Ќелавиот од „Ова не е американски филм“. Еден од поинтересните минати проекти на Златко е и монодрамата „Последната лента на Крап“ која помина одлично кај гледачите и беше дел од фестивал во Словенија.

Македонските гледачи најмногу ја запознаа Македонка Илиевска преку монодрамата „Лола“ која се играше во клубот „Џубокс“ во Скопје, а беше дел од програмата на два фестивали – „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“. Македонка има дипломирано на отсекот за актерка игра во Новиот бугарски универзитет во Софија. Сега пополека, но сигурно застанува на домашната театарска сцена. Има играно и во претставата „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Војо Цветановски.