Претседателот на Туркменистан си подигна споменик на самиот себе

Претседателот на средноазиската држава Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, вчера свечено го открил последниот од десетици изградени споменици во главниот град Ашгабат. Овој пат, станува збор за дваесетметарска статуа на самиот претседател на коњ, поставена на огромен мермерен гребен. Статуата е излиена во бронза и прекриена со позлата од 24-каратно злато.  

Бердимухамедов, кој ја води земјата од 2006-тата година и кој го изгради еден од најсилните култови на личноста во модерниот свет, широко е познат како „Аркадаг“, или „Патронот“. На свеченото откривање на последниот споменик, собраните студенти пуштиле бели гулаби и балони, извикувајќи „Да живее Аркадаг“, пренесува Ројтерс.

Претседателот на Туркменистан си подигна споменик на самиот себе

Лидерот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, во земјата познат како „Аркадаг“ („Патронот“)

„Мојата главна цел е да му служам на народот и на татковината. Затоа, ќе го слушам мислењето на народот и ќе правам така како што тој ќе одлучи“, изјавил Бердимухамедов во 2014, како одговор на предлогот да се изгради споменик од него самиот.

Неговиот лик е сеприсутен во пустинската нација, со големи билборди со портрети и огромни мурали кои го отсликуваат претседателот во почесни пози, често и на коњ. Златниот споменик потсетува на владеењето на неговиот претходник, Сапармурат Нијазов, кој беше познат како „Туркменбаши“ (лидер на сите Туркмени).

Некои од десетиците споменици изградени во главниот град на Туркменистан, Ашгабат

Некои од десетиците споменици изградени во главниот град на Туркменистан, Ашгабат

Нијазов успеа да го направи богатиот со гас Туркменистан една од најизолираните земји во светот, откако ги затвори слободните медиуми, дозволи многу малку странци да влегуваат во земјата и донесе серија закони и декрети со кои ги преименува имињата на деновите и месеците во годината според неговоти и имињата семејство.

Болниците надвор од главниот град беа затворени, операта и циркусот – забранети (како и чувањето кучиња како миленици), а на сите училишта и универзитети задолжително се изучува книгата на нијазов, „Рухнама“. Неговите министри мораа да учествуваат во „Прошетката на здравјето“ (километарско пешачење по пустата планина Копет Даг), додека тој патуваше со хеликоптер и ги чекаше на целната линија.

Сегашниот претседател Бердимухамедов, кој по професија е стоматолог и беше министер за здравство во владата на неговиот претходник, дојде на власт со ветувања за постепена либерализација и укина некои од поексцентричните закони што ги донесе Нијазов.

Но, со време, Беримухамедов изгради култ на личноста што може да се мери со оној на неговиот претходник.

Нијазов ја изгради прочуената статуа од самиот себе во центарот на Ашгабат, која ротира низ денот за да го следи сонцето. Кога на власт дојде Бердимухамедов, ја премести статуата на периферијата на градот.

Ротирачката златна статуа на поранешниот претседател Нијазов, откако беше преместена на периферијата на градот

Ротирачката златна статуа на поранешниот претседател Нијазов, откако беше преместена на периферијата на градот

Сега, актуелниот претседател си има свој златен споменик. Во формата, ако не и во изработката, тој наликува на „Бронзениот коњаник“, споменикот во Санкт Петерсбург изграден од руската царица Екатерина Велика, во чест на Петар Велики.

Туркменскиот претседател го сака јавањето коњи и често се појавува во јавноста на коњ, промовирајќи ја автентичната туркменска раса коњи, Ахал-Теке. Бердимухамедов има напишано книга за коњите, а често и самиот учествува во коњички трки.

Коњите се чест мотив на спомениците во Ашгабат

Коњите се чест мотив на спомениците во Ашгабат

Во 2013 година, прославувајќи го националниот празник – Денот на коњот, Бердимухамедов падна од коњот, кусо откако победи во празничната трка. Во мешаницата која настана потоа, десетици телохранители го опкружија претседателот, а сите кои присуствувале на трката потоа биле претресени на излегување од стадионот, за да не се појави снимка од падот на диктаторот. Сепак, една снимка од настанот се појави на социјалните мрежи. Очекувано, настанот не бил спомнат во туркменските медиуми.

На годинешното празнување, Бердимухамедов не учествувал во трката, но сепак добил почести и бил прогласен за „Народен одледувач на коњи“. Тој во говорот ја споредил самата земја со коњ:
„Нашата земја се движи напред со брзината на Ахал-Теке пастув – ве повикувам да се движите напред и само напред“, рекол Бердимухамедов.