Претседателот на Чиле е казнет со 3.500 долари за селфи без маскa

Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера е казнет со 3.500 американски долари за кршење на правилата за коронавирусот, откако позирал за селфи без да стави маска на лицето.

Претседателот се извини откако фотографијата, на која е сликан со жена којашто исто така не носи маска, стана вирална на почетокот на месецов. Претседателот призна дека требало да носи маска кога жената побарала да се фотографира со него на плажа во близина на неговиот дом.

Чиле има строги правила за носење маски на јавно место. Прекршувањата на законот за маски се казнуваат со парични, но и затворски казни.

Случаите со коронавирус растат во Чиле, каде се забележани најголемиот број новорегистрирани лица со Ковид 19 и смртни случаи поврзани со оваа болест во Латинска Америка. Земјата досега има регистрирано 581.135 инфекции и 16.051 смртни случаи.

Контроверзните фотографии се покажаа политички проблематични претседателот и во изминатите години. Така, лани предизвика гнев откако беше сликан на пица забава, во ек  на протестите поради нееднаквоста во главниот град Сантијаго.  Потоа, во април оваа година, претседателот пак предизвика револт позирајќи на плоштадот кој беше центар на антивладини протести пред да бидат воведени ограничувања за коронавирусот.