Премиерна изведба на претставата „Ти во седум бои“ во Охрид

Аматерската театарска група „Аматер“ во соработка со охридските уметници Емилија Колоска, Ансамбл Билјана, Никола Јосифоски, Евамарија Баткоска, Михаил Талев и Климентина Гилевска вчеравечер премиерно пред охриѓани ја изведе претставата „Ти во седум бои“ во Домот на културата во Охрид.

 „Ти во седум бои“ е  мултимедијална театарска претстава, која во себе вклучува повеќе уметности склопени во едно: танц, музика, рецитација, глума, свирење и пеење.

Според режисерот и сценарист Јован Цветкоски, во Охрид за првпат се прави претстава со ваков концепт. Смета дека почесто треба да се работат вакви проекти, како еден од начините за културно издигнување на Охрид.

Инспирацијата за претставата, вели, доаѓа од секојдневниот живот.

„Покрај поетите и музичарите кои секојдневно не инспирираат, инспирацијата доаѓа од вистинскиот живот, дружењата, пријателствата и случките. Како што можеше да се забележи на претставата, изведбите беа посветени на Јован Стојаноски и Андреј Лаброски. Целата поента беше да се достигне емоцијата, и мислам дека успеавме во тоа“, изјави Цветковски.

Јован Стојаноски, градоначалникот на Охрид ненадејно почина во средината на својот мандат, а Андреј Лаброски беше долгогодишен член на ансаблот.

Задоволен од реакцијата на публиката, Цветковски истакна дека со нетрпение ја очекува репризната изведба вечерва. Напомена дека претставата ќе се одржи уште неколку пати во Охрид, а најавуваат изведби во Скопје и Битола, како и надеж дека ќе учествуваат на „Драмскиот аматерски фестивал“ во Кочани.

Мартин Колоски