Претставата „Диво месо“ на македонскиот драматург Горан Стефановски вечерва ќе биде изведена премиерно на сцената на чешкиот театар „Комедие“ во Прага. Изведбата на чешкиот артистички ансамбл ќе биде воден од режисерот Јан Новотни.
– „Диво месо“ е семејна драма, во која еден млад амбициозен маж сонува и се вљубува во еден убав дел од Европа и секако дека тој идеализам му донесува многу болка. Централна тема е куќата, домот чие уништување носи распаѓање на целото семејство, рече Стефановски на прес-конференцијата во чешкиот главен град, а пренесува МИА.
Драмата за првпат беше поставена во Македонија во 1979 година, а од многубројните драмски текстови на Стефановски, кои остварија бројни светски преводи и публикации, на чешки јазик е преведен и текстот ,,Евримен”(,,Жив чоек”) и драмата ,,Тетовирани души” на словачки јазик.