Премиера на претставата „Централ парк-запад“ по текст на Вуди Ален

Премиера на комедијата „Централ парк-ЗАПАД“ од Вуди Ален, а во режија на Игор Ивковиќ ќе се одржи на 10 декември, на „Малата сцена“ во Универзална сала-Скопје, со почеток од 21 часот.

„Совршената фасада и надворешна доминантност, не значи дека во внатрешноста владее мир, спокојство и среќа. И елитата е дел од обичната секојдневна човечка пракса на живеење, во која не е секогаш „розово“. Претставата „Централ парк-Запад“ не е обична комедија, туку повеќе од тоа. Вудиаленовскиот“ интелектуален хумор, придружен со совршената психолошка вивисекција на карактерите, не само што насмевнува, туку отвора важни секојдневни прашања за кои секогаш треба да се најде вистинскиот одоговор“, вели режисерот на претставата Ивковиќ.

Премиера на претставата „Централ парк-запад“, по текст на Вуди Ален

Во претставата играат: Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богдановски, Јеткин Сезаир и Елизабета Клинчаревска-Младеновска.

За дизајнот на претставата се погрижи Маре Трајковска, која изработи одлични уникатни костимографски и сценографски решенија.

По премиерата на 10 декември најавена е и првата реприза закажана за 11 декември, на „Малата сцена“ во Универзална сала-Скопје, со почеток од 21 часот.

Билет за претставата „Централ парк-Запад“ чини 200 денари и може да се набави на билетарницата на Универзална сала-Скопје.