Преку преведување митови до рушење „митови“, студенти издадоа своја збирка преводи

„Родителите се загрижени дека младите нонстоп гејмаат, наставниците дека младите малку читаат, сите со некоја степен на загриженост дека младите се неписмени. Ова беше повеќе од доволна инспирација заедно со студентите малку да ја измениме таа перцепција. Решивме да срушиме „митови“ преку преведување на митови и приказни“, вели професорката Мира Беќар, која предава Современ англиски јазик на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

На крајот на април своја онлајн промоција на „Зум“ имаше книгата „Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“. Изданието содржи 22 приказни, митови и легенди, кои од англиски јазик ги преведоа и адаптираа 11 студенти од Катедрата за англиски јазик и книжевност, под менторство на професорката Беќар. Збирката преводи беше издадена од издавачката куќа „Арс Либрис“, како прв дел од едицијата „Мнемосина“.

Професорката вели дека на часовите по Современ англиски јазик настанала идејата за книгата, со цел студентите да сфатат дека ликовите од видео игрите имаат карактеристки позајмени од јунаците во митовите и приказните.

„Некои од студентите ќе се занимаваат со книжевен превод, а оние кои се од наставна насока немаат ниту многу можности за книжевен превод, па ова го сметавме и како добра вежба и подготовка за професионалниот живот по дипломирањето“, вели Беќар.

Токму оваа причина ја посочува и Ема Близновска, една од студентките кои учествувале во конструирање на збирката преводи.

„Јас го преведував ,,Златното Руно”. Преводот го завршив за околу месец дена, невклучувајќи ги поправките кои ги правевме со колегите, имајќи предвид дека немавме никаков притисок од професорката и имајќи ги предвид обврските кон студиите“, нагласува таа за Радио МОФ.

Студентот Драган Кабранов, пак, вели дека се решил да учествува во овој проект бидејќи бил одличен прв чекор во областа на професионалното преведување.

„Работев на митовите за „Антигона“ и „Сид“. Иако „Сид“ е пократок, тој мит ми беше потежок за преведување бидејќи имаше повеќе техничка терминологија и покомплицирана структура на речениците во англискиот тескт. Сепак, двете приказни се многу интересни и особено драго ми беше што успеав да ја запознам македонската публика со еден голем херој од шпанската историја, а исто така Антигона ми е меѓу омилените ликови во приказните од античка Грција“, вели Кабранов.

Професорката Беќар вели дека на преводите се работело околу една година, додавајќи дека со студентите немале поставено строг рок.

„Процесот на работа беше поделен на неколку фази, составување база на приказни, одбирање на приказни, истражување и пронаоѓање на соодветни еквиваленти на македонски за различните митолошки имиња и топоними, по што следуваше прва преведена верзија на целиот текст. Потоа следуваа втора и трета верзија од текстот, а преку споделени Гугл документи, студентите се консултираа меѓусебе за преводите“, вели професорката Беќар.

Студентката Близновска го издвојува барањето на имиња и земјоделски алатки во нашиот јазик како најтешкиот, но и најзабавниот дел од преведувањето.

„Ретко кога во ова современо време користиме називи на некои орудија, па дури и кога ќе најдев некој што знае како се викаат, често зборовите беа нелитературни и позајмени од српскиот јазик“, истакнува таа.

Преку преводот во „Херојски приказни“, Кабранов се стекнал со различни терминологии.

„Дефинитивно беше полесно отколку што очекував, но сепак беше голем предизвик да направам превод што би бил горд да кажам дека е мој“, вели тој.

Според професорката Беќар, мудроста при носење одлуки, последиците од бегање од судбината, огромната гордост, присвоената надмоќ, но и бестрашноста, доблеста и храброста, се дел од работите кои може да се научат од друштвото на Крале Марко, Беовулф и Грендел, Херкул, Прометеј и Едип, кои се дел од ликовите чии приказни можат да се прочитаат во збирката преводи.

„Не сум гејмер но, помислете на сите верзии на Херкул (Hercules, Hero of Sparta), „Rise of the Argonauts“, „Age of Empires“, „Тhe Legend of Zelda“, сите игри каде суштината е некоја потрага и исполнување на задачи за да се стигне до целта“, вели Беќар.

На прашањето што е потребно за еден добар превод во време кога сме затрупни со лоши преводи, професорката Беќар ја цитира студентката Ана Калајџиева, според која добар превод повлекува истражување (во енциклопедии, речници) и читање на веќе преведени текстови на македонски јазик со слична тематика како текстот што треба да се преведе за да можеме убаво да го процениме јазикот, стилот.

„Како што некои од студентите истакнаа на онлајн промоцијата, тие научиле и како да си помагаат и дека делот на кој работеле, без помош од колегите, немале да го завршат. Многу ми е важен концептот на солидарност при креирање знаење, особено во времиња кога се форсира компетитивноста и филозофијата на ,,ако се снајдеш сам.“ Ако го погледнете изданието, ќе видите дека нема имиња под секоја преведена приказна, туку сите студенти стојат зад секоја приказна, бидејќи имаат свој придонес кон изданието во целост. Верувам дека сфатија како да си ги соочат слабостите и силните страни и како да си ги надополнат едни со други. Студентката Калајџиева истакна дека тие научиле внимателно да си го распределуваат времето за да се фокусираат на секој дел од текстот, да бараат конструктивна критика, тимски да соработуваат и да се оспособат да даваат објективна критика на нивните врсници-преведувачи“, вели професорката.

Поради пандемијата од коронавирусот, Беќар вели дека промоцијата неколкупати се одложувала, па со уредникот Ведран Диздаревиќ се одлучиле за онлајн промоција.

„Недостасуваше енергијата на можните читатели, нивните прашања и првични реакции, како и можноста секој студент да прочита нешто од својата приказна“, вели таа.

За студентот Кабранов, пак, онлајн промоцијата била одлична.

„Сметам дека добро ја претставивме книгата, соработката со колегите, соработката со професорката и соработката со издавачката куќа, проектот кој, според мене, претставува можност за студентите, без разлика дали идни преведувачи или професори, да се запознаат со книжевниот превод и сите предизвици со кои еден професионален преведувач би се соочил“, вели тој.

Професорката Беќар дополни и дека постојат планови за продолжување на овој проект.

„Замислата е да има три изданија за едицијата ,,Мнемосина“. Следуваат приказни за изумителите и книжевни и филозовски есеи“, вели таа.

Ивана Смилевска