Преку младински активизам до мултиетнички вредности во училиштата

Европската унија ги поддржува иницијативите на младите за промоција на мултиетничките вредности и позитивните примери за мултиетничка соработка која ги вклучува младите луѓе во младинскиот активизам, порача денеска шефот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав на денешната конференција по повод проектот „Преку младински активизам кон соживот на различностите во заедницата“.

Преку младински активизам до мултиетнички вредности во училиштата

„Во последно време има многу извештаи за конфликти помеѓу млади луѓе од основните  и средните училишта, со што овој проект финансиран од Европската унија станува уште порелевантен. Активностите што вклучуваат млади луѓе означуваат поврзаност и врска помеѓу училиштата, локалните власти и деловниот сектор. Младите можат и треба да бираат промени во нивните заедници и затоа има потреба младите да се вклучат во донесување на одлуките и во управувањето во училиштата и вон училиштата“, рече Орав.

Младите кои беа дел од овој мултикултурен проект имаа можност да учествуваат во 32 мултиетнички работилници во училиштата, Летната школа за мултикултурализам, да добијат менторска поддршка и да изработат четири акциски планови за следни активности во заедниците.

Александра Јовевска од Женската граѓанска иницијатива Антико, вели дека главна цел на овој проект e да се анимира младинскиот активизам и да се создаде безбеден простор за дејствување на младите личности.

„Децата велат дека претходно биле скептични за дружењето со други деца од различна етничка заедница, меѓутоа по ова искуство голем број од нив решија заеднички да дејствуваат и да ги осознаат проблемите“, додава Јовевска.

Заменик министерот за образование и наука, Сафет Незири, истакна дека концептот на интегрирано образование овозможува децата да учат на својот мајчин јазик, со што полесно ќе ја совладаат наставната програма, и се дава можност за учење на јазикот и традицијата на припадниците на другите заедници. Сепак, тој праша дали општеството доволно придонесува за соживотот на младите.

„Кога велам општеството мислам на сите институции во Македонија. Дали ние како родители доволно ги извршуваме нашите обврски како родители кон нашите деца и дали ги учиме на првата буква од азбуката на првиот комшија? За неговиот другар, пријател и како треба да се однесуваме кон нив. Дали како родители ги извршуваме нашите обврски кон децата за да им помогнеме и на наставниците во образованието?“, праша Незири.

Во проектот беа вклучени 16 студенти/апсолвенти на факултетите за педагошки и општествени науки од Скопје и Тетово, 200 средношколци од прва до трета година од различна етничка припадност од средните мултиетнички училишта „Арсени Јовков“ и „Здравко Цветковски“ од Скопје и „Ѓоце Стојчески“ и „8 Септември“ од Тетово, како и осум професори од овие училишта.  Проектот е финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права.