Предрасудите ги обесхрабруваат сексуалните работници да пријават насилство

Стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат сексуалните работници, не ги охрабрува да ги пријавуваат во полиција делата од омраза извршени врз нив. Тие остануваат безгласни, а со тоа се жртви на насилници кои се и понатаму на слобода, покажува новото истражување на ХОПС.

Од 310 сексуални работници, 211 сексуални работници или 68,1 отсто од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа, покажало истражувањето. Загрижувачки е што повеќе од 12 отсто од испитаните сексуални работници навеле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, додека 10 отсто од нив биле присилени од страна на клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја, притоа изложувајќи ги на ризик од пренесување на заразни болести.

Како најчести сторители на насилство врз сексуалните работници ги наведуваат: клиентите, полицијата и семејството. Во однос на зачестеноста на малтретирањето, најмногу одговориле дека малтретирање од клиенти и полиција им се случува барем еднаш во месецот, дел одговориле дека тоа се случува најмалку еднаш неделно, додека тие што се малтретирани од семејството, одговориле дека секојдневно се соочуваат со малтретирање.

„Посебно загрижувачка е праксата на неказнување на сторителите на насилството. Од интервјуираните сексуални работници се потврдуваат случаите кога пријавиле насилството, полицијата не постапила согласно своите законски овластувања по ваквото пријавување. Приближно 37% од испитаните сексуалните работници одговориле дека немаат, односно не очекуваат помош од никого, а само 1,3% одоговриле дека очекуваат или добиле помош од полиција“, велат од ХОПС.

Тие сметаат дека непријавеното и несанкционирано насилство врз сексуалните работници дополнително ги охрабрува насилниците да продолжат со насилството.

„Во светот постојат добри примери за справување со насилството врз сексуалните работници како што е Моделот на Мерсисајд, Ливерпул, каде полицијата посветува посебно внимание на разрешување на случаи на насилство врз сексуалните работници и санкционирање на сторителите“, посочуваат од ХОПС.

Сексуалните работници и нивните поддржувачи во Македонија повикуваат на солидарност во борбата против насилството, зголемување на заштита  од институциите и промена на перцепцијата на јавноста кон нив. По тој повод, со црвени чадори во рака, денеска (17 декември), по осми пат ќе се одржи „Марш на црвените чадори“.