Предавање во НУБ – „Библиотеките како простор и за квир заедниците“

Под модераторство на Томислав Каранфиловски, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски, ќе се одржи предавањето „Библиотеките како простор и за квир заедниците“ чиј предавач ќе биде Лени Фрчкоска. Предавањето ќе се одржи на 1 јуни, со почеток во 18 часот.

Автор на проектот е Каранфиловски, а станува збор за предавање во рамки на проект за збогатување на библиотечните фондови со публикации коишто се однесуваат на ЛГБТИ+ популацијата.

„Овој проект има цел да придонесе кон поголема видливост и интеграција на квир заедниците во рамки на библиотеките. Практично, за првпат, на еден организиран начин, преку набавката на соодветна литература, се вклучуваат квир заедниците во рамки на Националната и универзитетска библиотека“, се вели во соопштението.

Дел од купените книги ќе бидат изложени во холот на библиотеката.

Со ова, НУБ „Св. Климент Охридски“ покажува дека е отворена библиотека и за маргинализираните, ранливи и помалку видливи заедници во нашето општество, велат од библиотеката.